Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски остварил телефонски разговор со заменик помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер.
“Разговаравме за актуелните политички и општествени случувања во земјава, како и исполнувањето на стратешките приоритети.
Во разговорот беше потврдено стратешкото пријателство со САД, и посветеноста во исполнување на агендата поврзана со НАТО Алијансата и исполнување на потребните демократски вредности”, објави Мицкоски попладнево.
Во разговорот Мицкоски укажал на потребата за почитување на принципите за владеење на правото и правната држава, како и неопходноста од реформи кои значат одлучна борба против криминалот и корупцијата.
Во разговорот била истакната потребата од дијалог на највисоко ниво за клучните прашања важни за граѓаните и заедничкиот напредок.
“Во разговорот посочив дека потребни се квалитетни решенија за престојниот попис на населението, како и конечен договор со источниот сосед, кој нема да опфати било какви национални и идентитетски отстапки, а нашиот источен сосед ќе подржи одржување на меѓувладина конференција, без дополнителни условувања, а билатералните прашања да се решаваат надвор од процесот на интеграција на Македонија во ЕУ”, се вели во соопштението на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.





