Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет, да не дозволиме овие луѓе да ни ја продадат верата, нацијата и кожата, како што тие одамна си го продале својот ген на ѓаволот, порача од протестот пред Владата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, јавува МКД.МК
„Ги предупредувам Зоран Заев и Владата, на памет да не им дојде да го начнат македонскиот идентитет. Ви ветувам заедно со овој народ овде тоа диво месо ќе биде хируршки прецизно отстрането, а потоа, не само за криминалот, ќе одговарате и за велепредавствто, јас ви ветувам – кога тогаш”, рече Мицкоски во говорот пред Владата.
Тој на протестот упати пораки и до нашиот источен сосед и до меѓународната заедница.
„Ако мислите дека измисливте, пронајдовте и поддржавте квинслинг и квинслиншка влада овде во Македонија“, се лажете.
Тој ги повика бугарските политичари при првата посета на Скопје, пред споменикот на паднатите борци од народно ослободителната борба, како што рече, да клекнат и да му се извинат на македонскиот народ за тоа што му го направиле.
Во порака до Брисел тој побара „да му се дозволи на нашиот народ да отпочне преговори со ЕУ, а народот ќе им врати со сето срце и знаење кое го има и ќе го изоди најбрзиот пат до полноправно членство во ЕУ”.
На крајот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш рече дека Заев не смее повеќе да биде премиер.
„Да не дозволиме Заев да ја менува историјата, туку тој да стане историја“.






