Мицкоски: Цените повеќе зголемени од платите, Македонија со 18,7% ја има најголемата инфлација во регионот

Македонија со 18,7 проценти има највисока инфлација во регионот, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тоа може да го забележи секој граѓанин кога ќе оди да пазарува бидејќи цените на производите се драстично зголемени, а нема реално покачување на просечната плата, додава тој.



„Инфлацијата во месец август, месецот кој што го споредува Ковачевски е 18,7 проценти и е убедливо највисока во регионот, нема повисока инфлација. Што значи дека доколку платата е зголемена за 11,1 проценти, просечната како што тој вели, реалниот пораст е 7,6 проценти во минус. Значи имаме повеќе трошоци, а помалку плата“, рече Мицкоски.

Вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи деновиве во магазинот на ТВ21 Клик плус немаше многу оптимистички тонови. Потврди дека инфлацијата се искачила над 18 проценти, но дека тоа се однесува за месец септември, додека на годишно ниво е околу 12 проценти. Треба да сме среќни ако се задржиме во рамките на годишното ниво рече тој.

„Просекот се уште годишен го држиме на некаде отприлика 11,6. Јас кажав на неколку наврати дека ако се задржиме на тие рамки помеѓу 10 и 12 посто ќе можеме да кажеме дека сме среќни дека сме на тоа ниво. За жал инфлацијата, не се споредувам со земјите каде што е над 20 посто, има неколку такви, но во соседството и во Европската унија веројатно ова ќе се провлекува дури и првиот квартал следната година.“, изјави Битиќи.

Премиерот Ковачевски на својот Фејсбук профил напиша дека просечната плата е зголемена за 11,3 проценти споредбено со истиот месец лани. Ќе продолжат да растат платите, ќе продолжат да се зголемуваат пензиите, се стремиме кон европски стандард, напиша Ковачевски.

Извор: Тв 21.мк