Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека тие нема да поддржат отворање и интервенции во Уставот, сè додека Европската Унија (ЕУ) не даде гаранции дека земјата ќе влезе во Унијата и дека нема да бидеме предмет на дополнително вето од источниот сосед.
„Кога некој од Европа и од Брисел ќе дојде и ќе даде јасна гаранција пред овој македонски народ и пред граѓаните на Македонија, тогаш ќе можеме да седнеме и да разговараме за се. Дотогаш нема промена на Преамбулата и нема интервенции во Уставот“, рече Мицкоски.
Запрашан за условувањата од страна на пратениците Албанци дека ќе поддржат ставање на други народи во Преамбулата, само доколку албанскиот јазик стане официјален во земјата, Мицкоски кажа дека тоа е непринципиелно и неевропски.
„Ако ме прашувате за процесот на менување на Преамбулата на Уставот, со цел вклучување на делови на народи, па како реакција на тој процес се јавува тој процес, можам да кажам дека е непринципиелно и неевропско, затоа што вие ако верувате во европската агенда, како што велат, треба да веруваат безусловно, а не со услови. Тоа е суштината на тој процес“, рече лидерот на опозициската партија.
Под овие околности под диктат и ултиматум, потенцираше тој, нема да се согласиме како ВМРО-ДПМНЕ и како пратеничка група што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ да се промени Преамбулата, затоа што ќе биде тоа понижувачки за нас.
Во изминативе месеци, вели тој, со нашиот источен сосед ние не зборуваме за нов автопат, за нова пруга, за нова универзитет, за туризам, ние зборуваме за негирање на Кирил Пејчинович, за Самоиловата држава, за Кирил и Методиј, итн., што, според Мицкоски, се јасни показатели и индиции како ќе се води процесот преговори понатаму.





