По информациите дека власта е можно да ја отфрли иницијативата за референдум, бидејќи во дописот Џафери е наведен само како претседател на Собранието, без да се наведе уставното име на државата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оцени дека тоа ќе биде политичка гимнастика на власта.
Џафери денеска ќе се изјасни дали иницијативата за референдум ќе добие „зелено светло“
„Тие може да наоѓаат изговори и до бесвест да ја одложуваат работата. Нам ни е битна суштината, не формата и, ако тоа е пречка, ќе ја коригираме таа пречка и ќе ја доставиме онака како што тие ценат дека треба да биде, само да имаме успешна процедура, демократски да дозволиме граѓаните да се произнесат за политиките на Владата поврзани за Договорот со Бугарија“, вели Мицкоски.
За предвидувањата дека референдумот ќе биде неуспешен, бидејќи е недостижен цензусот од 910.000 излезени гласачи, Мицкоски вели дека единствен начин да се провери дали ќе има излезност е референдумот да се одржи и власта да не бара изговори, туку да ја поддржи иницијативата.
„Да видиме дали граѓаните ќе гласаат „за“ тоа што ние го бараме или ќе гласаат „против“, и од тоа нема поедноставен начин. Ги охрабрувам демократски, во насока на европскиот дух што од нивните усти додека крадат, не престанува да излегува и сега тоа да го направат. Второ, да ги мобилизираат оние малкумина поддржувачи што ги имаат да излезат и да се произнесат во согласност со нивните политики и да бидат „против“ оваа иницијатива. На тој начин јас сум сигурен дека ќе успее референдумот. Без разлика на резултатот на референдумот, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи измени на Уставот под вакви услови“, вели Мицкоски.







