Мицкоски бара нов јавен обвинител

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во емисијата на ТВ Алфа „Отворено“, побара именување на нов јавен обвинител, кој би бил „вистински независен“.



Говорејќи за полнење на гласачки кутии на повеќе избирачки места во Македонија, Мицкоски обвини за кражба на најмалку 50.000 гласови, нешто што, според него, ако остане неистражено, девијантните појави ќе продолжат и во наредните изборни процеси.

„Ќе мора некој вистински независен јавен обвинител да се позанимава со ова. Ете, гледате, по сите индиции нема никаква реакција од Јавното обвинителство“, рече Мисцкоски.

Според него, процесот со договорот е и де факто и де јуре завршен.

Во врска со евентуалните предвремени парламентарни избори, Мицкоски рече дека мора да се испочитува постоечкиот закон и најпрвин да се оформи техничка влада 100 дена пред изборите.

Нашата цел, продолжи тој, не се предвремени избори, но граѓаните одлучија по своја воља и нема простор за импровизации.

„Заев ќе добие „црвен картон“ и на обични и на предвремени избори. Ако дојде до избори, ние сме тука и заедно со народот жестоко ќе ја поразиме таа опција и ќе го пратиме Заев во политичка пензија“, рече Мицкоски.