Мицкоски: Алтернатива сега треба да излезе од Владата, ако нема датум за преговори со ЕУ, тогаш треба да има избори

Штом земјава не доби датум за почеток на преговорите со Европската Унија, тогаш Алтернатива која одлучи да влезе во коалиција со СДСМ и со ДУИ треба да излезе од владата, истакна вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за МТВ.



– Ценам дека треба да излезат и да ги надминат своите суети и да повикаат на предвремени парламентарни избори, бидејќи оваа влада ваква каква што е нема иднина. Навистина повеќе не ја гледам потребата партијата на Африм Гаши да биде дел од владиното мнозинство, бидејќи партијата сè уште не е ни официјално дел од владата, само усно е дел. Клучната работа којашто нив ги обединува во таа нова влада е почетокот на преговорите, ако тоа не се случи, тогаш не ја гледам причината да останат во владата. И ако навистина Алтернатива, која значи алтернатива на ДУИ, тогаш ценам дека тие треба да излезат да ги надминат своите суети и фрустрации и да кажат повикуваме на обединување на опозиција, очигледно дека оваа влада ваква каква што е нема иднина, предвремени парламентарни избори и составување на влада – рече Мицкоски.

Тој најави промени во својата партија и покрупен тим за работа во ВМРО-ДПМНЕ.

– Тимот ќе се проширува со луѓе кои се искусни и со луѓе кои се општествено активни во Македонија. Капацитетот е истрошен на владејачката структура и мора да се прави нешто за да се даде одговор на предизвиците и проблемите. Затоа цениме дека кога кај противникот капацитетот е истрошен и со вака проширен капацитет не може ништо, тогаш ние се организираме и нудиме подобри персонални решенија – рече Мицкоски.

Оттука, додаде тој, со еден вид на проширен состав на Извршниот комитет можеме да понудиме персонални решенија и да привлечеме општествено активни ликови кои ќе бидат освежување.