Мицевски: Џафери да си стои на зборот „12 февруари“

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, побара парламентарниот спикер Талат Џафери да си стои на зборот дека парламентот треба да се распушти на 12 февруари:



„Сакаме да го потсетиме претседателот Џафери на неговата изјава дека Собранието треба да се распушти на 12 февруари при што рече дека самиот ќе поднесе одлука за распуштање на парламентот. Џафери да биде дециден и да си стои на зборот и да закаже седница за распуштање на Парламентот, во спротивно јавноста ќе треба да има предвид дека ова парламентарно мнозинство бега од избори и договорот на лидерите во присуство на претседателот Стево Пендаровски“, рече Мицевски.

Доколку денеска не се распушти Собранието, според Мицевски мнозинството испраќа порака оти не стои на договореното и не ги почитува роковите.

Спикерот Џафери пред една седмица изјави:

„Уставот е јасен: избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Институциите треба да работат според закон, а не според желби. И јас сум член на партија, и на партијата ѝ кажувам какви се роковите. Не е дека сакам да опонирам, туку мора да ги почитувам нормите”, вели Џафери.