МИА: Првиот „увоз“ на работна сила ќе биде од Непал и Пакистан

Од почетокот на годинава заклучно со вчера од страна на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ) дадени се позитивни мислења за издавање работна дозвола за странец до Министерството за внатрешни работи за две лица од Непал, 10 лица од Пакистан, додека за Бангладеш нема поднесени барања, информираат од АВРСМ за МИА.



„ Оваа надлежност произлегува од Законот за вработување и работа на странци и Законот за странци, подзаконските акти кои ја доуредуваат материјата и Одлуката за определување на квотите на работни дозволи за странци, појаснуваат од Агенцијата за вработување.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, неодамна информираше дека земјава планира „увоз“ на работна сила, а најмногу кадар недостига во туризмот и градежништвото.

Да се либерализира пазарот на трудот и да се овозможи повеќе работа за странци бараат и од стопанските комори, а од Организацијата на работодавачи порачуваат дека размислуваат да „увезат“ работна сила од земјите кои имаат пониска просечна плата од нашата.

Агенциите за посредување веќе почнуваат да нудат работници од Далечниот исток пред се од Пакистан, Непал и Бнагладеш, но за да дојдат во земјава неопходни им се околу 2.000 евра за пат, плус работодавачот треба да им обезбеди и место за престој.

-Тие што сметаат дека нашата држава дава подобри услови за живот, ќе го најдат патот, исто како нашите сограѓани кои веруваат дека поквалитетен живот можат да најдат во Западна Европа, вели Битиќи.

Според него, „увозот“ на работна сила не е ништо ново и е процес кој одамна постои, само што сега за него се зборува отворено. Тоа е пракса во сите земји.

Примарно е работната сила да се осигура од домашниот пазар, но, анализите покажуваат дека на земјава годишно и недостигаат околу 10.000 работници. Се уште не е дефинирано од каде би се увезувале работници, ниту се утврдени квоти. Во Владата е отворена дискусија затоа што тоа е актуелен проблем, вели Битиќи и додава дека смета оти првично за „увоз“ би требало да се „искористат“ луѓето од регионот.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи недоамна во интервију за МИА посочи дека најголем проблем во реалниот сектор е недостаток на работници и неможноста да се најде квалификуван работен кадар иако во Агенцијата за вработување се уште има голем број на регистрирани невработени лица.

Но, тие невработени не сакаат да се јавуваат на огласите за слободните работни места, а од друга страна и покрај напорите на Владата преку активните политики за вработување тие не се јавуваат ниту имаат желба за преквалификација, што значи долгогодишните проблеми во системот на образование кај се продуцираа кадри кои не одговараа на нашето стопанство си го дава својот резултат. Значи, тие луѓе да речеме ако имаат завршено некој факултет, чекаат да се вработат според дипломата, за која што се школувале и не прифаќаат преквалификација или доквалификација за друго работно место“, рече Димитров.

Димитров предлага да се либерализира пазарот на трудот и тоа, како што вели, не мора да биде преку ноќ, туку постепено.

Во Собранието минатиот месец беа ратификувани договорите за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан и за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од овој регион.

Со ратификацијата на договорите, што се поврзани со иницијативата „Отворен Балкан“, граѓаните на Македонија, Србија и Албанија ќе можат да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци. Исто така ќе можат да добијат „Отворен Балкан“ број за идентификација на нивниот национален портал за е- Влада или на нивниот национален портал за електронска идентификација.