Метју Палмер од Мицкоски побарал конструктивна опозиција

Предмалку се огласија од амбасадата на САД во Скопје, од каде споделија информација дека бил остварен разговор помеѓу заменик помошникот државен секретар во САД, Метју Палмер и Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.



„Заменик помошникот државен секретар Метју Палмер денеска разговараше со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за да ја нагласи важноста што САД му ја даваат на нашиот најнов сојузник на НАТО, има стабилни управувачки институции што ги демонстрираат евроатлантските вредности, а особено потребата за конструктивна и ангажирана опозиција.

ДАС Палмер ги охрабри г. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да соработуваат со другите за решавање на огромните предизвици со кои се соочува земјата, вклучително и решавање на разликите со Бугарија и обезбедување успех на пописот на населението, што е важна статистичка алатка за подобрување на управувањето” пишува во известувањето од амбасадата на САД.

Во вечерашново гостување на ТВ Алфа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека 45 минутниот разговор со Палмер бил пријателски и дека ни оддалеку немало никаков протисок од страна на заменикот државен секретар на САД.

Мицкоски го информирал за ситуацијата во парламентот и му укажал на „кодошењата“, како што рече, од власта дека опозицијата била виновна за блокадата на Собранието.

За односите со Бугарија, Мицкоски му предочил на Палмер дека се неприфатливи новите условувања „што ги измислува“ Софија, односно дека Макдонија направи и премноги и не е подготвена за нови отстапки на патот кон ЕУ.

Двајцата се согласиле дека пописот е операција која е потребна, но „ не на ваков начин и не сега“ информираше за средбата Мицкоски во гостувањето на ТВ Алфа.

Според Мицкоски, разговорот требало да се одржи порано, но поради здравствените проблеми што ги имал во изминатиов период – се случил денеска.