Мета го осуди бранот убиства во Албанија

„Најостро ги осудувам криминалните настани од крајот на годината и првите денови од Новата година, кои се случија во повеќе градови во државата, а особено кобниот настан на улицата „Дон Боско“, во Тирана, вчера, кој заврши со убиство на граѓанин и со повреди на неколку други“ реагираше албанскиот претседател Илир Мета на Фејсбук.



Вчера 35-годишниот Е.Ч. бил жртва на напад со огнено оружје во локал во месноста „Дон Боско“. Жртвата немала криминално досие. Се смета дека цел на атентат бил братот на жртвата, 28-годишниот Б.Ч. кој бил ранет во лицето и десната нога.

Според претседателот Мета, „ваквиот криминален чин, во една од најнаселените области на главниот град, не само што претставува отворен предизвик од организираните криминални групи за државата и нејзините институции, туку и сериозна закана за безбедноста и животот на самите граѓани на Тирана.

Ова е резултат на низа други кривични дела, кои останаа нерасчистени и каде сторителите не беа изведени пред лицето на правдата“.

Мета ја повика полицијата, како и сите органи на прогонот во државата, да ја засилат работата, најпрво да се уапсат сторителите на ова тешко кривично дело, но и да се зајакне соработката меѓу нив за спречување на вакви настани во иднина, пренесуваат албански медиуми..