Меси од „фараонскиот“ договор со Барселона од 2017 година заработил 511 милиони евра!

Вистинска луња во јавноста во Каталонија и во цела Шпанија предизвика пишувањето на весникот „Мундо депортиво“ дека Лионел Меси од договорот со Барселона од 2017 година до денес заработил над половина милијарда евра.



Под наслов „Фараонскиот договор на Лео Меси кој ја уништи Барселона“, дневниот спортски лист објави дека платата на еден од најдобрите фудбалери во историјата е 138 милиони евра по сезона!

Од клубот веднаш реагираа со осуда за изнесувањето детали од договорот што биле строга деловна тајна и со кои, освен Меси, биле запознати само уште тројца луѓе од каталонскиот гигант, кој заедно со Аргентинецот се закануваат со тужби до весникот.

„Мундо депортиво“ тврди дека Меси досега од наведениот договор наплатил 92 проценти од вкупниот износ од 555.237.619 евра или 511 милиони!

Основната загарантирана плата по сезона му е 61.328.520 евра, а останатиот дел се премии за клупски пласмани и за индивидуални постигнувања, како и за согласност за користење на неговиот „лик и дело“, па дури и за верноста кон поранешниот европски шампион.

Сепак, од Барселона велат дека аргентинскиот напаѓач го заслужил секој цент и оти не е виновен за лошата финансиска состојба на клубот.

„Меси го заработи секое евро што му го плати Барселона. Не нè уништи, напротив. Тој е најдобриот играч во историјата на клубот и сакаме засекогаш да остане со нас“, на Твитер објави Виктор Фонт, еден од тројцата кандидати за нов претседател на Барселона.