Градоначалникот на Чикаго Брендон Џонсон го прогласи септември за месец на македонско-американското наследство, откако неодамна и гувернерката на Мичиген Гречен Витмер повика македонската култура да се слави во оваа сојузна држава во текот на септември.
„Чикаго е дом на горда и динамична македонско-американска заедница која го зацврсти градот во делот на уметноста и музиката, бизнисот и финансиите, правото и владата, образованието, социјалните услуги, науката и медицината“, рече градоначалникот Џонсон во известувањето, објави Гласот на Америка
На 23 септември во Чикаго треба да биде претседателот Стево Пенадровски, кој ќе присуствува на настан организиран од „Македонија 2025“.
Освен во Чикаго, македонската култура месецов се слави и во градот Рејнолдсберг, Охајо, каде градските власти најавија дека македонското знаме ќе се вее пред општината до крајот на септември.
Во јули годинава, пак, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Браун, претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.
Но, „Здружението на потомци на бегалци и имигранти од територијата на Македонија и пријатели“, блиско до официјална Софија, упати барање до Сенатот да ја отфрли Нацрт-резолуцијата S.Res.311 поднесена од сенаторот Браун. Во своето барање Здружението ги изнесува добропознатите пропагандни тези за непостоење на македонскиот народ, јазик и следствено, македонска емиграција во САД, и ги обвинува подносителите за „фалсификати и манипулации, поврзани со минатото на географскиот регион Македонија“.
Бугарија почна дипломатска битка за да спречи македонска резолуција во Сенатот на САД
Ова барање на Здружението беше објавено целосно во бугарскиот печат, а се смета за дел од „дипломатска офанзива“ што неодамна ја најави новата вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Бугарија Марија Габриел за „заштита на бугарските интереси“ во САД.
Засега нема информации кога треба да се случи гласањето за оваа иницијатива во американскиот конгрес, дали таа е веќе отфрлена, ниту пак има реакција од македонското МНР за напорите на Бугарија да ја саботира, пишува Плусинфо
Обединетата македонска дијаспора (ОМД), на чие барање беа резолуциите во Мичиген и во Сенатот, ја поздрави иницијативата на градоналаникот на Чикаго.
– ОМД активно работи секоја држава и град каде има Македонци да прогласи месец на македонско наследство. Ваквата иницијатива почна од 2020 година и ќе продолжи во иднина – изјави за Гласот на Америка на македонски јазик коосновачот и волонтерски претседател на ОМД Мето Колоски.






