Мерко ќе се најде на дневен ред на следната средба на ЗЕЛС

Случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко неминовно ќе се најде на маса на следната средба на градоначалниците од ЗЕЛС, изјави охридскиот градоначалник Кирил Пецаков за „Алсат.



Пецаков како член на Управниот одбор на ЗЕЛС вели дека засега не се знае дали струшкиот градоначалник може да биде исклучен од Заедницата на единиците на локална самоуправа, а воедно ги повика и судските органи до крај, темелно да ги истражат наводите на американскиот Стејт департмент.

„Како управен одбор секако дека тоа ќе биде една од темите за која ќе разговараме, но ние не треба да чекаме некој да ни каже дали некој е корумпиран или не, треба да имаме правосуден систем кој тоа ќе го работи на дневна основа“, изјави Пецаков за „Алсат“.

Мерко и неговото семејство пред околу две недели (на 20 јуни) беа ставени на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција и, како што објави Стејт департментот, поради присвојување средства и мешање во судски и во други јавни процеси.