Без „резулат“ заврши во средата Економскиот совет на кој стопанствениците очекувале да слушнат нешто конкретно, но по три часа дебата, конкретни мерки никој не слушна.
Според најавите, мерки може да се соопштат идната среда.
На Владата ѝ било кажано дека времето истекува, компаниите се соочени и со по шестпати поголеми сметки за струја, на светските берзи, пак, почнаа да растат цените на храната и неопходен е сет мерки што ќе значат ублажување на кризата во стопанството, дознава „Слободен печат“.
Од Владата по одржаниот состанок пратија опширно соопштение, кое се сведува на заклучокот:
„Заклучено беше дека енергетската состојба е стабилна и дека дополнителните таргетирани антикризни мерки за граѓаните и стопанството на кои Владата работи активно се потребни што поскоро. Воедно, утврдена беше потребата од одговорно однесување кон енергенсите, солидарност и поддршка за ранливите категории граѓани“.
Од Стопанската комора изјавија дека без државна поддршка десетте најголеми потрошувачи на електрична енергија, кои имаат 6.000 вработени, приход од милијарда евра, наредната година, според овие цени, би требало да платат половина милијарда евра, со што ќе се наруши нивната конкурентност и ќе се удри врз темелите на македонската економија…
Од Сојузот на стопански комори, изјавија дека уште во август доставиле 14 барања за мерки од кои со најголемо значење се тие за ограничување на цената на струјата до одредено ниво до кое ќе ја плаќаат претпријатијата, додека над тоа ниво да ја плаќа Владата преку фондови наменети за енергетска кризна состојба, како и обезбедување струја од домашните производни капацитети, по поповолна цена за стопанството.
Од ССМ јавно ги доставија предлог мерките кои ги доставиле и до Економскиот совет со кои бараат отпочнување на социјален дијалог бидејќи ќе соочиме со штетни последици за работниците како што се: губењето на реалната куповна моќ на работникот заради трошоците на живот – инфлација; опасност од доцнење на неисплата од заработената плата и губење на работни места. Меѓу клучните барања на ССМ се платите во државата да го следат порастот на инфлацијата но и порастот на синдикалната кошница што ја изработува ССМ, како и да има мерки за оние кои имаат примања под таа синдикалната кошница.







