Германската канцеларка Ангела Меркел се очекува на 10 јануари да допатува во дводневна посета на Атина, а високо во агендата ќе биде поддршката за грчкиот премиер Алексис Ципрас пред гласањето во Парламентот за Преспански договор, пишува „Катимерини“.
Според весникот, на тоа упатува тајмингот на посетата, кога договорот за името на Македонија од парламентот во Скопје треба да се проследи на ратификација во Атина.
Главниот мотив на првата посета на Меркел на Грција по речиси 12 години, за време на која покрај со Ципрас таа ќе се сретне и со претседателот Прокопис Павлопулос, како и со лидерот на опозицијата Кирјакос Мицотакис, е да испрати позитивна порака по излегувањето на Грција од програмата за финансиска помош, тврди „Катимерини“, повикувајќи се на извори во Берлин.





