Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе разговара со нејзините европски колеги за можноста за воведување привремена забрана за влез на британските граѓани во Европската унија поради ширењето на индискиот сој на коронавирусот, пренесува британски „Тајмс“.
Според изданието, Меркел сака да предложи Британија да биде прогласена за „земја со посебна загриженост“ и да им се забрани на Британците да ги посетуваат земјите на ЕУ, со образложение дека оваа забрана може да важи и за невакцинирани и за вакцинирани британски граѓани.
Според извор од владата на Велика Британија, голем број земји на ЕУ, како што се Грција, Шпанија, Кипар, Малта и Португалија, имаат намера да се спротивстават на ваквиот предлог на Германија.
Првично идентификуван во Индија, „Делта“ вирусот веќе е регистриран во повеќе од 85 земји, според Светската здравствена организација.







