Германската канцеларка Ангела Меркел го оцени како „проблематично“ трајното затворање на налогот на Твитер на американскиот претседател на заминување Доналд Трамп.
Портпаролот на Меркел, Штефен Зајберт, изјави дека операторите на платформите на социјалните мрежи „носат голема одговорност за тоа политичката комуникација да не биде отруена од омраза, од лаги и од поттикнување насилство“. Тој, меѓутоа, додаде и дека слободата на изразување е фундаментално право од „основно значење“.
„Тоа фундаментално право може да биде оспорено, но во согласност со законот и во рамките определени од законодавачот, а не по одлука на управувачите на платформи на социјалните мрежи“, изјави Зајберт пред новинарите во Берлин.
„Погледнато од оваа страна, канцеларката го смета за проблематично тоа што налозите на американскиот претседател се трајно блокирани“, додаде гласноговорникот на Меркел, која нема налог на Твитер.




