Меркел: Добрите односи со Русија се стратешки интерес

Германија и Русија треба да разговараат, а за голем број прашања двете држави имаат исто мислење, изјави канцеларката Ангела Меркел на заедничката прес-конференција со претседателот на Русија, Владимир Путин, во неговата резиденција во Сочи.



Рускиот претседател со букет бели рози ја пречека гостинката од Германија.

Германија беше во првите редови во притисокот на Европската унија за санкции против Русија откако Москва го презеде украинскиот регион во Крим во 2014 година и ги поддржа сепаратистите во источна Украина, помагајќи да започне војна во која загинаа повеќе од 10.300 луѓе.

Меѓутоа, и покрај тоа што во последниве години презеде цврста линија против Русија, Меркел го бранеше проектот за нафтоводот „Северен тек 2“ кој носи руски природен гас во Германија, но ја заобиколува Украина, тврдејќи дека на Германија ѝ треба сигурно снабдување со гас, пренесе Радио Слободна Европа.

Проектот вреден 11 милијарди долари ќе го удвои количеството на природен гас што Русија ќе го транспортира во Западна Европа од новооткриените резерви во Сибир.

Германија има стратешки интерес за добри односи со Русија, изјави Меркел, додавајќи дека ова не е во спротивност со продолжувањето на „непоколебливото трансатлантско пријателство“, објави Ројтерс.

Односите меѓу САД и ЕУ се одржуваат и покрај бројните тековни несогласувања со Вашингтон, рече германската канцеларка.