Менкиноски: „Се лаже оној што смета дека е затворено македонското прашање – Бугарија ќе попушти“

„Шеснаесетгодишното одолжување, всушност, избегнување од страна на Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, може да се толкува и како толеранција од страна на Советот на Европа на непочитувањето од земја-членка на Европската конвенција за човекови права, на основниот документ на оваа европска институција. Ова наведува на непочитување и поткопување на неговиот авторитет и принцип на постоење.’ – вели Јасминка Павловска во анализата со наслов „Бугарија го искомпромитира Советот на Европа“, која ја објави објави весникот „Нова Македонија“.

„Европа толерира уривање на својот углед и авторитет со непочитувањето на меѓународното право“

Павловска пишува: „Стратегијата на Бугарија за избегнување да ги спроведе пресудите од Европскиот суд за човекови права за регистрација на здруженијата на нејзините граѓани што се чувствуваат Македонци се чини дека веќе предизвикува загриженост во самата оваа европска институција за лошото влијание врз нејзиниот сопствен авторитет и кредибилитет. На неодамнешниот состанок на Комитетот на министри при Советот на Европа (тело што го надгледува спроведувањето на пресудите и одлуките на Европскиот суд за човекови права) донесе заклучок дека неспроведувањето на пресудите од страна на Бугарија за регистрација на македонските здруженија е неоправдано.“

„Советот на Европа го ризикува својот углед, бидејќи на овој начин се покажува неефикасен и неспособен да ја реализира својата основна функција – заштита на човековите права. Сепак, главната вина што пресудите за Бугарија на Европскиот суд за човекови права не се спроведуваат, е наша. Како заинтересирана страна, Македонија треба да го држи тоа прашање на дневен ред и да ја ‘малтретира’ Софија додека не ги спроведе пресудите. Но, додека Македонија молчи и не дејствува во рамките на Советот на Европа, за да ги покрене другите членки да бидат посветени и да го поттикнат спроведувањето на пресудите, не може да се очекува некаков решителен исчекор од телата на СЕ, заради поголем притисок врз Бугарија.’ – вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски.“

„Неприфатлива е неангажираноста на нашата дипломатија. Таа треба да ги искористи можностите и дипломатските алатки, за да го постави ова прашање пред меѓународните институции. Ние во Македонија во голема мера сме засегнати од ова прашање. За првпат во европските институции, покрај пиринските Македонци, се зборува за Македонци, македонски права, македонско прашање… Ако некој смета дека македонското прашање е затворено, многу се лаже. Бугарската држава ќе попушти, зашто постои опасност да биде исклучена од Советот на Европа.’ – смета адвокатот Тони Менкиноски, застапник на здруженијата на Македонците од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права.

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/bugarija-go-iskompromitira-sovetot-na-evropa/