Адвокатот Тони Менкиновски кој е познат како бранител на Македонците од Бугарија пред Судот за човекови права во Стразбург пред кој има добиено повеќе пресуди открива дипломатски инцидент во кој македонски дипломат ги негира Македонците од соседните држави.
Во колумна за Нова Македонија, Менкиновски открива што се случило на меѓународен собир на кој биле поканети и Македонци од повеќе држави:
Почитувани читатели, моите, а се надевам и вашите предци, имаа една изрека „со страв се живее, ама со срам не“. Стравот е индивидуален и зависи од човек до човек и е релативен, ама срамот е општ и ноторен и од него нема бегање, тој е апсолутен. За срамот што ни го направи македонската дипломатија има многу да се пишува, резилот што го трпиме тука, во Македонија, го голтаме секојдневно, но нелагодноста и непријатностите што ги прават надвор од нашата татковина засега нема како да ги спречиме.
Еден настан за ваков срам, еден од повеќето што сум ги имал како очевидец, е во далечната 2005 година, на најголемата годишна конференција за човекови права во Европа, под покровителство на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), форум што секоја есен се одржува во Варшава. Одделот на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) во рок од пет работни дена од една страна ги поставува сите 57 амбасадори на земјите-членки, а од друга страна претставници на граѓанското општество и активисти за човекови права за да спроведат дијалог и непосредно да бидат информирани за тоа како државите ги почитуваат своите обврски за заштита на човековите права и основните слободи.
Да се присуствува и за да се земе збор пред 57 амбасадори постои голем интерес, но и голем протокол за елиминација и селекција на учесниците со строго утврдени правила. Но ние, петмина Македонци, успеавме да се запишеме на листата на говорници, и тоа отецот Никодим Царкњас (од С’бтско, Воденско), Павле Филипов Воскополус (од Лерин), Стојан Георгиев (од Петрич), Иринеуш Шлупчевски (од Варшава, син на дете бегалец) и јас.
Да, успеавме, влеговме во потесниот круг! Арно ама, по пристигнувањето во Варшава, сите до еден бевме избришани од листите на говорници и воопшто нѐ немаше на ниту еден список. Обврската да ги доставиме нашите иницијални говори пред почетокот на овој самит ги алармирала бугарската и грчката дипломатија да си ја завршат работата претходно, добро да се организираат за да нѐ спречат во нашата намера. Дополнително имаа донесено цел ешалон дипломати, кои за време на паузите имаа софистицирана обврска да им пристапат на сите 55 дипломатски делегации и да им тврдат дека -„Македонци нема“. А македонскиот амбасадор го немаше никаде на хоризонтот да се појави, искрено и ние воопшто ниту го побаравме и ниту се заинтересираме за него.
Никогаш непоколебани во идејата што ја имаме, чекавме цел ден да нѐ повикаат, иако знаевме дека нѐ нема на официјалниот список. Изморени од стоење пред салата каде што се одржуваше настанот, вечерта само му ја пренесовме нашата загриженост на нашиот пријател, директорот на центарот „Симон Визентал“ (еврејска глобална организација за човекови права што ги истражува холокаустот и омразата во историски и современ контекст). И другиот ден би и се случи чудо! Ние бевме први на листата за презентирање, а наредните четири дена исто така бевме први со нашите излагања. Говорите што ги имавме предизвикавме огромен интерес за македонското прашање, вниманието беше огромно од страна на дипломатските претставници и медиумите, како во официјалниот дел така и во неофицијалната комуникација. Македонското прашање стана приоритет (само по три месеци од овој настан, Европскиот суд за човекови права донесе сет пресуди против Грција и Бугарија), а за тоа сведочи и свечениот прием што се случи претпоследниот ден во организација на канадската амбасада, наречен „Македонска вечер“.
Конечно, на оваа „гозба“ се појави и неговата екселенција македонскиот амбасадор, кој запознавајќи се со мене, не можеше да поверува дека јас сум од Македонија!!! Пет пати ме праша и имав впечаток дека ќе ми побара пасош или друга исправа за да се осигури во вистинитоста на мојот одговор за мојот идентитет. Нејсе, откако добро ме изанализира, а опиен од опкружувањето што беше околу нас, со кое тешко му одеше интеракцијата, со пола уста ми предложи како Македонец наредниот ден да бидам гостин на вечера што ќе ја организирала македонската амбасада. Мојот одговор на ваквата покана беше дека јас не сум сам тука, дека има уште четворица Македонци, но тој молскавично ми одговори дека тие не биле Македонци (ни срам ни перде)! Од ваквиот одговор, мене ме фати срам, не знаев што да му одговорам, единствено позитивно беше што никој од присутните не нѐ разбра, зашто зборувавме на македонски. Му се заблагодарив, со изговор дека ако моите четворица пријатели не се Македонци, нема зошто јас да присуствувам на неговата покана. Тука завршивме! На Павле, Никодим, Стојан и Иринеш никогаш не им го пренесов ова, долго време живеам со оваа нелагодност, сега првпат по долги години го споделувам со вас.
Изговорот на македонската политичко-дипломатска „елита“ дека со бришење на членот во Уставот каде што беше предвидена грижата за македонските малцинства во соседството, не значи и апстиненција и непреземање дејства, напротив постои обврска во согласност со ратификувани мултилатерални договори и членство во мултилатерални организации на Македонија да биде активен и афирмативен учесник во овие процеси на заштита на основните човекови слободи и права.
Целата колумна на Нова Македонија






