Менкиноски: Ќе се бара од Бугарија примена на пресудите за Македонците, а можеби и уставна промена

„По уште едно разгледување на спроведувањето на пресудите и одлуките на Европскиот суд за човекови права, Комитетот на министрите на Советот на Европа оцени дека одбивањето на Бугарија да дозволи регистрирање на ОМО Илинден (и да ги спроведе пресудите на судот) е – неоправдано. Официјална Софија со години настојува прашањето на македонското малцинство во Бугарија да го направи невидливо за европските правни и политички институции. Пресудите на Судот од Стразбур се обврзувачки и непостапувањето по нив е спротивно на меѓународното право!“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „За Бугарија нема оправдување за одбивањето да дозволи регистрирање на ОМО Илинден“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Павловска пишува: „Дведецениската борба за права пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), односно Советот на Европа, на здруженијата со македонски етнички предзнак во Бугарија добива ново продолжение. По уште едно разгледување на спроведувањето на пресудите и одлуките на ЕСЧП, Комитетот на министрите на Советот на Европа оцени дека одбивањето на Бугарија да дозволи регистрирање на ОМО Илинден (и да ги спроведе пресудите на Судот) е неоправдано. Европскиот суд досега има донесено 6 пресуди во корист на ОМО Илинден, но ниедна не е спроведена.“

„Комитетот изрази длабока загриженост поради фактот што речиси 16 години по првата правосилна пресуда во оваа група, на здруженијата што имаат цел ‘да го постигнат признавањето на македонското малцинство’ и понатаму рутински им се одбива регистрација.’ – се вели во заклучоците на Комитетот на министрите на Советот на Европа.“

„Официјална Софија со години настојува прашањето на македонското малцинство во Бугарија да го направи невидливо за европските правни и политички институции, аргументирајќи со конструкцијата на бугарскиот устав, според кој малцинските права биле регулирани како индивидуални, а не како колективни права, поради што, наводно, и не ги спроведува пресудите на ЕСЧП.“

„Адвокатот Тони Менкиноски, застапник во неколку случаи на македонските здруженија од Бугарија пред ЕСЧП, смета дека оцената на Комитетот на министрите за „неоправдано непостапување“ на бугарските власти по пресудите на Судот од Стразбур е на некој начин ‘предупредување пред исклучување’ од Комитетот на министрите, со што дава сигнал за одлучна дипломатска акција за почитување и спроведување на пресудите и одлуките на Судот од Стразбур. ‘Ќе биде направен и некој поконкретен чекор на притисок врз Бугарија за спроведување на пресудите. Не е исклучено и да ѝ биде сугерирана промена на нејзиниот устав во насока на остварување на малцинските права како дел од основните човекови права.’ – вели адвокатот Тони Менкиноски.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/za-bugarija-nema-opravduvanje-za-odbivanjeto-da-dozvoli-registriranje-na-omo-ilinden/