Менкиноски: Се ближи крајот на империјалистичката политика на Бугарија и Грција кон македонските малцинства


„Неодамна бугарскиот претседател Румен Радев, за време на средбата со неговиот албански колега Илир Мета, истакна дека малцинствата се мост меѓу двата народа, со зачувувањето на нивниот идентитет, учењето на нивниот мајчин јазик и нивните национални традиции. Зборовите на Радев се крајно лицемерни: наместо прво да погледне во својот двор и да ги удри темелите за градење вакви мостови кон Македонија, тој под мостови подразбира грижа само за бугарското малцинство дури и онаму каде што го нема.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Радев ‘ѕида’ мостови само кога е во прашање бугарското малцинство“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Единствен однос на Бугарија кон малцинствата“

Таневски пишува: „Најдобар пример за лицемерна политика е односот на официјална Софија кон многубројното македонско малцинство во Бугарија. Таму Македонците ниту можат да формираат свои здруженија, ниту да се декларираат како Македонци, а уште помалку да се вклучат во политичките случувања, или да имаат своја телевизија, радиопрограма, весник, како и настава на македонски јазик во училиштата. Бугарските власти не гледаат малцинства во својата земја, иако Европа и светот го гледаат тоа. Тоа го потврди и Европскиот суд за човекови права, кој донесе еден куп пресуди во полза на Македонците што живеат во Бугарија.“

Ако претседателот Радев веќе говори за некакви мостови, тогаш македонското малцинство во Бугарија е најдобриот „материјал“ за градење цврст мост меѓу двете земји и со негово признавање и прифаќање како такво, ќе се отвори можност за конечно вистинско зближување меѓу двата народа и двете земји. Идентична е ситуацијата и со македонското малцинство во Грција, кое и натаму не може да ги оствари основните малцински права. Македонците во егејскиот дел не смеат јавно да се декларираат како Македонци и нивните здруженија се под постојан притисок и напади. Негувањето на сопствената традиција е речиси неможно.“



„Бугарија и Грција се членки на ЕУ и се обврзале дека ќе ги почитуваат малцинските права кога пристапувале во Унијата, но наместо почитување и унапредување на тие права, двете држави спроведуваат асимилаторска и негаторска политика кон сите оние што чувствуваат поинаква етничка припадност.“

„Тони Менкиноски, правниот застапник на македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во изјавите на Радев за градење мостови не гледа само тешко лицемерство, туку и продолжување на бугарската империјалистичка политика. ‘Цел свет го гледа бугарскиот однос кон македонското малцинство. Со империјалистичкиот пристап на Бугарија тешко можат да се воспостават нормални односи меѓу двете држави, уште помалку да се очекува тие да го признаат македонското малцинство. Најтрагично е што ова го прават и Бугарија и Грција, земји-членки на ЕУ. Сепак, мислам дека на оваа нивна империјалистичка политика ѝ се ближи крајот.’ – заклучува Менкиноски.“

Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/radev-dzida-mostovi-samo-koga-e-vo-prashanje-bugarskoto-malcinstvo/