…Министерот Филипче со последната изјава дека “оди се потешко“, веќе не порачува дека се е под контрола. И не е под контрола. Луѓето не почитуваат мерки, шетаат заболени, надлежните не ја земаат контролата во свои раце, пишува во колумна за Нова ТВ, Менче Точи.
Ова лето беше топло и пријатно. Само за шетање. Најголем дел од луѓето седевме дома и ги почитувавме мерките. Не отидовме на одмор како голем дел од политичарите. Не измачуваше помислата за новиот бран на есен, за црното сценарио кое министерот Филипче го спомнуваше на секоја прес конференција.
И да, Министерството за здравство имаше време цело лето да ги организира болниците за овој есенски бран. Но, не го стори тоа. Сега кога вирусот убива по 40 луѓе на ден се бараат капацитети, се става довод на кислород, се бараат кревети.
Во ек на вака силен бран со вирусот цела есен се реновираат интерните клиники, а по ходници им паѓа малтер на пациентите на глава. Да, се реновира таму каде што е сега Ковид центарот. Малтер, боја, мајстори се на едно место и црвена и зелена зона каде да се движат болните со Ковид! Каква иронија.
(…)
Но, има некој кој радосно ги трие рацете во цела оваа ситуација. Профитираа приватните болници и лаборатории. Таму, предвреме уште на влез на пациентите со Ковид им бараат да платат 14 000-15 000 евра. И болни и уценети! Семејствата собираат пари преку социјалните мрежи. Им гарантираат ли таму излекување и спас пред да им ги наплатат тие астрономски суми? Пред да ги остават на колена, без ништо. А, секој се надева на спас. И тој што има и тој што нема, сиромавиот!
Профитираа приватните лаборатории со над шест милиони евра со скапите тестови за Ковид . Нехумано и нечовечно, не само од нив туку и од министерот кој им дозволи да влезат во мрежата за тестирање бидејќи како што рече „немаме доволно капацитети во јавно здравство“ и да заработуваат на сметка на граѓаните.
Ниту една држава во свет не дозволи богатење на приватните болници за време на вонредната состојба и пандемијата со коронавирус која го покоси народот.
(…)
Ех, Бергамо, Бергамо! Ние сме биле попаметни и подобро организирани од вас Италијанците и со повеќе болнички капацитети, а не сме знаеле. Навистина, Македонија не е Бергамо и не може да биде, ниту на културен, ниту на економски план. Ама ураганот „Бергамо“ е веќе тука, со нас. И неговиот удар, веќе го чувствуваме. Капацитетите се исцрпуваат, оди се потешко.






