„Антиалбанството и српскиот менталитет се чинители, поради кои * Македонија оди по патот на своето внатрешно распаѓање. Референдумот за нејзината независност во 1991 година беше одржан со ‘перверзното’ прашање, кое можеше да ги измами Македонците дека нема да се одвојат од нивните српски браќа. Перверзна е и одбраната на македонските интереси од страна на албанскиот премиер Еди Рама, кој повеќепати ја критикуваше официјална Софија за односот кон Македонија и македонскиот народ. Но, Рама би требало да сфати дека Албанците немаат причина зошто да го уриваат своето трајно пријателство со бугарскиот народ, помагајќи му на македонскиот народ и поддржувајќи го.“ – вели Ким Мехмети, публицист и писател, во свои две колумни, во кои изнесува ставови против Македонија и македонскиот народ, што е своевидна „пригодна честитка“ по повод 8 септември, Денот на независноста на македонската држава.
Во колумната со наслов „Патот на внатрешното распаѓање на Република * Македонија“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“, Ким Мехмети пишува: „Во 1991 година Македонија одржа референдум за независност со ‘перверзното’ прашање, кое можеше да ги измами Македонците дека нема да се одвојат од нивните српски браќа: ‘Дали сте за независна Македонија со право да влезе во иден сојуз на суверени држави на Југославија?’. Таа прогласи независност на 8 септември 1991 година, иако Албанците го бојкотираа референдумот за нејзината независност.“
„Македонија во ноември 1991 година го донесе Уставот, за кој не го гласаа пратениците Албанци и кој оттогаш до сега претрпе 32 измени, но никогаш не дозволи да се гиба во именувањето ‘20 проценти’ за Албанците. Таа беше примена во април 1993 година во ОН со привремената референца ФИРОМ, но не прифаќајќи ги Албанците како државотворен народ рамноправен со Македонците. Во 1995 година Македонија го смени знамето, со кое прогласи независност, но продолжи да го негира албанското знаме и да протестира против образованието на Албанците на нивниот мајчин јазик. Таа се соочи во 2001 година се соочи со меѓуетнички судир и го промени својот устав, но не и еднонационалната рува.“
„Во 2018 година Македонија го потпиша Преспанскиот договор, со кој го смени името и стана Република * Македонија, но продолжи да инсистира дека нејзин првичен интерес е македонскиот етникум. Во Македонија многу нешта се сменија во изминатите триесет години, но останаа трајно антиалбанството и српскиот менталитет – чинители, кои ја распаѓаат Македонија однатре и кои гарантираат дека може да дојде денот кога таа нема да има што да менува!“
Во својата колумна со наслов „Според своите политички убедувања и погледи Еди Рама е толку ‘Србин’ колку што е и Вучиќ“, која ја објави телевизијата на албански јазик „Шења“ пред една недела на својот интернет-портал, Ким Мехмети пишува: „Премиерот на Албанија Еди Рама повеќепати ја критикуваше официјална Софија за односот кон Македонија и македонскиот народ. Според своите политички ставови и убедувања тој е заколнат ‘Србин’ и затоа целиот свет околу него го гледа со „очите“ на официјален Белград.“
„Ако не беше таков, Рама ќе сфатеше уште од поодамна дека проблемот на Македонија оди понатаму од историските недоразбирања со Бугарија: дека Македонија ја гради својата сегашност врз српскиот „менталитет“, како и врз принципот на природните непријатели на македонскиот народ – Албанците и Бугарите и на ‘браќа’ и природни бранители на овој народ – Србите!“
„Ако не би бил заслепен сегашниот премиер на Албанија Рама од својата љубов кон неговите српски браќа, тој би имал сфатено уште од поодамна дека Албанците немаат причина зошто да го уриваат своето трајно пријателство со бугарскиот народ, помагајќи му на македонскиот народ и поддржувајќи го, додека мнозинството од македонскиот народ го засилува својот етнички ‘рбет преку паролите ‘Смрт на Албанците!’ и Само мртов Албанец е добар Албанец!’.“
„Ставовите на премиерот на Албанија кон Бугарија и неговата перверзна одбрана на македонските интереси ја открива вистината дека Албанија ја водат и денес оние, кои не се ослободиле од српските вистини, оти Србите имаат во своите раце и државници, што гледаат на интересите на својот народ со очите на српскиот менталитет.“





