„Македонија никогаш нема да се консолидира како држава, а овдешните Албанци ќе останат уште долго време толпа, која не го одбира она што го вели умот, туку тоа што го сакаат џепот и личниот интерес.“ – вели книжевникот и публицист Ким Мехмети во својата колумна под наслов „Не постои случај политичарите – измамници и ајдуци да ја зајакнале државата и да го направиле народот горд!“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“.
Мехмети пишува: „Нешто за оние што ме прашуваат врз што ги темелам своите убедувања дека Македонија нема никогаш да се консолидира како држава и оти ние, овдешните Албанци, уште долго време ќе останеме толпа, која не го избира она што го вели умот, туку тоа што го сакаат џепот и личниот интерес? Мојот единствен аргумент е вистината дека политичарот се збогатува кога ги продава интересите на државата и на народот, а не кога ги брани, и оти не знам случај политичарите – измамници и ајдуци да ја зајакнале државата и да го направиле горд народот, кој го претставуваат.“

Авторот на колумната вели дека му се блуе, поради денешните ‘зелени амбиенталисти“ од ДУИ: „Кога ми велат дека ДУИ станала ‘зелена’ партија, и дека нејзините енверистички и ленинистички раководители станале еколози, како да слушам дека авганистанските талибанци станале чувари на нудистички плажи. Не би се изненадил воопшто кога ова би го рекол премиерот на Албанија Рама, кој својата политичка кариера ја започнал, сончајќи го голиот задник. Но, кога станува збор за денешните ‘амбиенталисти’ на ДУИ, кои постигнаа се, повикувајќи се на крвта на албанската младина, која се нурна во конфликтот во 2001 година, не можам, а да не почувствувам блуење.“
„Едно нешто мора да се признае: имаме соодветни претставници за секој систем и за сите времиња, бидејќи никогаш не го читаме правилно политичкиот календар, според кој живееме. Треба да ја прифатиме вистината дека за она што ни се случува не се виновници само нашите државници, кои политиката ја сметаат како нешто што дозволува се, и она што е спротивно на моралот, чесноста и достоинството, туку виновници се и мнозинството од нас, што посакуваме политички ‘татко’, на кој можеш да му го нацрташ портретот, но не можеш да му ја одредиш физиономијата!“ – заклучува Ким Мехмети во својата колумна во „Лајм“.






