„Упатувам јавна понуда до сите медиумски патриоти од Тирана и Приштина, кои се восхитуваат од политичките успеси на ДУИ: нека дојдат во албанските населби, за да видат дека тие немаат амбуланти, училишта и библиотеки, но имаат десеттици наркомани и стотици килограми дрога во резерва.“ – вели Ким Мехмети, новинар, публицист и писател, во својата колумна со наслов „Албанците од Македонија се ‘мртов политички чинител!“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“.
Натаму Мехмети пишува: Медиумските патриоти од Тирана и Приштина, кои се восхитуваат од политичките успеси на ДУИ, таму ќе можат без очилата на експертот да видат како македонските политички и полициски кругови ги криминализираа албанските општини и населени места и така криминализирани им ги оставија на ДУИ на „одржување“. Тие медиумски патриоти тогаш можеби ќе сфатат зошто претседателот на ДУИ Ахмети и другите во ДУИ го мразат Албин Курти и зошто се чувствуваат загрозени од неговиот дух. Јас ним нема да можам да им платам колку ДУИ, но ќе им ги покријам патните трошоци.
Поодделни „мафијашки“ кругови во ДУИ имаат толку многу пари, што можат да ја купат целата држава. Тие како такви немаат мака како да ги „одржуваат“ политичките трупови на Албанците од Македонија, но како да ги направат невидливи за Тирана и Приштина?
Ќе им одговорам на моите почитувачи, кои ме советуваат да бидам внимателен со критиките, бидејќи можам да добијам куршум во главата: стравот од тој куршум веќе ми го покри тагата, поради тоа што моите деца и внуци живеат во средина, во која „мафијашите“ на ДУИ можат да ги компромитираат кога сакаат, подметнувајќи им некое криминално „дело“. Таа тага ги наведува овдешните родители да ги поттикнуваат своите деца да ги напуштат своите родни места и да заминат колку е можно подалеку од Македонија, во која албанскиот политички чинител умрел уште од одамна.





