Мехмети: „ДУИ се опијани од власта и парите – со неа раководи ‘братството на криминалот и апашлакот“

„Медиумите јавуваат дека концертот за 20-годишнината од основањето ДУИ ќе не чини 100 илјади евра. Но, за дведецениското минато на оваа партија може да се прозбори многу лесно и само со еден музички инструмент, без потреба од многу музика и пејачи. ДУИ се опијанија од власта и имањето на парите. Влегоа во политиката како рахитични и неухранети луѓе, но се збогатија од неа и сега се милионери, а народот го плаќа сето тоа.“ – вели публицистот Ким Мехмети во својата колумна со наслов „ДУИ е во рацете на ‘братството на криминалот и апашлакот“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Алмакос“.

Мехмети пишува: „ДУИ во своите почетоци му припаѓаше на целиот народ, Албанците беа се, а нејзините водачи беа никој и ништо. Значи, народот беше силен , а ДУИ беше слаба, што македонската страна го почитуваше и имаше ‘страв’ од тоа.“

„Потоа, водачите на ДУИ се опијанија од власта и имањето на парите. Тогаш започна слабеењето на народот и јакнењето на ДУИ. Македонската страна разбра дека челниците на оваа партија се се, а народот ништо. Македонската страна разбра и дека има повеќе сметка скапо да ги плаќа овие неуки водачи на ДУИ, отколку да му го дава на народот делот што му припаѓа.“

„Сега кога ДУИ слави, а народот плаќа, се гледа многу јасно дека најголемите успеси на оваа партија е збогатувањето на оние што влегоа во политиката како рахитични и неухранети луѓе, а кои сега се милионери. Дел од најголемите успеси на ДУИ е и празнењето на албанските населби, каде што останаа речиси само старите, кои чекаат само да умрат.“

„Албанците од Македонија сега веројатно сфатија дека уште од многу одамна, без оглед во која влада ДУИ била дел, со ДУИ раководи ‘братството на криминалот и апашлакот’. Тоа раководство го контролираат македонските политички и полициски кругови!“