Меѓународната конфедерација на синдикати (ИТУК) го поддржува барањето на синдикатите во Македонија Владата да се откаже од опасните измени на Законот за работни односи заради договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници во земјата.
Конфедерацијата е загрижена дека измените ќе доведат до „зголемување на ризикот од несреќи, повреди и смртни случаи на работа, загрозување на апликацијата на Македонија за влез во ЕУ бидејќи предлозите се во спротивност со директивите на ЕУ за работното време, како и до последици врз градежните работници кои веќе се соочуваат со екстремни услови предизвикани од климатските промени“.
„Реформата на работното законодавство во земјата е на агендата на социјалните партнери веќе неколку години, но неодамнешната насока преземена од Владата означува јасно отстапување од нивните очекувања и принципите на социјалниот дијалог. Моделот со ниски плати, експлоататорски промовиран од Северна Македонија, веќе доведе до масовен егзодус на работници од земјата. Сепак, наместо да ги подобри работните услови и да промовира пристојни плати, Владата бара да ги легализира експлоатирачките работни средини“, вели вршителот на должноста генерален секретар на ИТУК, Лук Триангл, во писмото до Владата на Димитар Ковачевски.
„Овој закон е опасен. Меѓународната организација на трудот (ИЛО) ја нагласи важноста на осумчасовниот ден и 48-часовната недела за заштита на здравјето и безбедноста на работниците. Владата на Северна Македонија е должна да го поддржи ова и веднаш да го повлече овој опасен закон. Тогаш мора да започне значаен социјален дијалог со синдикатите и другите социјални партнери за да се работи на ревизија на работното законодавство што ги почитува меѓународните и европските стандарди“, додава Белгиецот во писмото.





