Првата детска амбасада во светот „ Меѓаши“ тврди дека раководството на „Битолски Монмартр“ ги злоупотреби децата, свои членови, за политички цели, носејќи ги во Бугарија на средби со претседателот Румен Радев и претходно со Симеон Втори, поранешен премиер и син на царот Борис Трети, како „декор за нечиј (политички) маркетинг“. Ваков одговор дале од „ Меѓаши“ за „ Независен“ по објавата на текстот „ Како Мал битолски Монмартр “ ја пречекори ликовната граница и премина во политиката“ .
Имено , во текстот се наведува дека членови на ДЛС „Свети Кирил и Методиј“ Битола, биле однесени во Бугарија на средби со бугарски политичари, по што децата биле фотографирани со политичарите и објавувани во бугарски и наши медиуми, а организаторите за тоа немаа дозвола од родителите.
Од таму со аналитички пристап на целата ситуација образложуваат зошто станува збор за злоупотреба.
„Децата одат во Бугарија без нивните родители да потпишат согласност за програмскиот дел од посетата, за содржините кои на децата ќе им бидат понудени и кои ќе бидат реализирани, ниту за истите се информирани. Тие потпишуваат согласност за патувањето, но ништо повеќе. ‘Битолски Монмартр’ како организатор не ги известил родителите за содржината на посетата, програмата, иако е должен како организација да го направи тоа. Во вакви случаи, кога родителите не добиле доволно информации, ние секогаш препорачуваме и укажуваме дека самите родители треба да побараат повеќе информации од страна на организаторот за да бидат упатени во содржините на активностите во кои детето ќе учествува“, велат од Првата детска амбасада.
Понатаму, „Меѓаши“ наведува дека ваквото искуство на децата може да предизвика трауми кај нив.
Тимот на Првата детска амбасада за ваквата состојба со децата од „Монмартр“ јавно го повикува ОЈО да постапува наведувајќи каде е прекршено правото на детето.
„За жал, наместо децата да се третираат сериозно, тука се користат како инструмент за политички цели, со изговор за развивање добрососедски односи.
Поради сето ова горе наведено, го повикуваме Основното јавно обвинителство (ОЈО) да преземе соодветни мерки особено поради инволвирање на децата од Македонија во политички кампањи во друга земја и неколкукратно прекршување на правата на децата согласно Конвенцијата за правата на детето и Член 12 став 4 од Законот за заштита на деца: ‘Се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување’“, порачуваат од „Меѓаши“, пренесе Независен.






