Меџити за СДСМ: Неми набљудувачи на се’ она што го прави ДУИ

Од собраниска говорница и пред гласањето со кое е разрешен од функција, довчерашниот министер за здравство Фатмир Меџити им се обрати и на пратениците и функционерите од СДСМ, порачувајќи им дека е многу понижувачки да бидат неми набљудувачи на сето она кое што го прави нивниот коалициски партнер ДУИ.



„Сакам да им се обратам и на сите функционери од СДСМ во оваа влада, размислите само колку е понижувачки за вас и вашите поддржувачи да бидете неми набљудувачи на ова што ДУИ го прави против интересите на граѓаните и пациентите.

Немото соучество е најлошата форма на поддршка за ваквите постапки“, им порача Меџити на пратениците од СДСМ.

Мојата чест е чиста, јас знам за што се залагам и за што се борам, рече Меџити и додаде дека во последните 2 дена добил стотици пораки за поддршка.

Меџити нагласи дека од денеска веќе за сите катастрофални политики се одговорни СДСМ и ДУИ, напоменувајќи дека тој се изборил за вработување на 1.117 вработувања која оваа влада седум години со договор на дело не ги вработува.

„И, и знаете ли зошто, затоа што треба утре да ги користат како партиски војници“ праша и одговори Меџити.

Тој уште се осврна на проблемот со паркирање во Клиничкиот центар и го обвини Артан Груби,  кој како што рече многу сакал да е прв, ја кочел изградбата на катната гаража во КЦ “Мајка Тереза“.