Меџити: СДСМ да размислат колку е понижувачки немо да го следат она што го прави ДУИ против граѓаните

Министерот за здравство Фатмир Меџити, за чие разрешување од функцијата денеска започна собраниска расправа, обраќајќи се пред пратениците во парламентот, кажа дека во изминатите 11 месеци додека е во Владата не бегал од проблемите како што правеле сите негови претходници на оваа позиција и оти се залагал за решавање на сите проблеми во македонското здравство.



Меџити изрази жалење што не сите министри во Владата ја делат истата цел како неговата, а ДУИ ја обвини дека преку своите министри политизира и работи против интересите на граѓаните и го штити својот партиски интерес.

„Ова треба да им служи на чест. Граѓаните се тие што за неколку месеци на избори ќе го казнат ова деструктивно однесување. Сметам дека политиката е средство за помош на граѓаните, а тие сметаат дека политиката е средство за реализација на личните интереси. Ние, кога е во прашање разбирањето на јавните функции, со колегите од ДУИ сме од различни планети. И граѓаните ова го знаат“, изјави Меџити.

Министерот им се обрати и на функционерите на СДСМ во овој владин состав и ги повика да размислат колку е, како што рече, понижувачки за нив и нивните поддржувачи да бидат неми набљудувачи на она што го прави ДУИ против интересот на граѓаните и на пациентите. Оцени оти соучесништвото е најлоша форма на поддршка.

Рече дека неговата совест е чиста и оти знае за што се залага и кои се неговите принципи.

„Од утре натаму вие одговорете им зошто не се реализираат 1 117 вработувања во Министерството за финансии. Ние тоа експресно го завршивме. Сите се свесни како се борев за овие вработувања. Одговорете им зошто се кочат катните гаражи за да го средиме сообраќајниот хаос на Клинички центар. Одговорете им зошто не се спојува Клиничкиот центар, тоа беше мојот приоритет, најдов решение, а веќе последната одлука во Влада која не се потпишува. Овие прашања и сите други ќе тежат на вашиот грб, не на мојот“, додаде Меџити во обраќањето од собраниската говорница.