Медведев: Храната е нашето тивко и опасно оружје

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитри Медведев,предложи да се прошири списокот на производи од непријателски земји на кои им е забранет увоз во Русија велејќи дека Русија нема да купува ништо од таквите земји. Тој објасни и кое е тоа тивко, но застрашувачко оружје што го има Русија.



„Ние нема да им ги продаваме нашите стоки и земјоделски производи на нашите непријатели. Исто така, нема да купиме ниту една од нив (иако не сме ги купиле од 2014 година, но списокот на стоки на кои им е забранет увоз во Русија може да се прошири)“, напиша тој на својот канал на „Телеграм“.

„Нашата храна и земјоделски култури ќе им ги продаваме само на нашите пријатели (за среќа, ги има многу надвор од Европа и Северна Америка). Тие ќе може да плаќаат во рубли и во нивната национална валута во договорените количини“, посочи тој.

Според Медведев, домашниот пазар ќе има приоритет во снабдувањето со храна, а властите ќе им помогнат на земјоделците и ќе ги контролираат цените.

„Нашиот домашен пазар ќе има приоритет во испораката на стоки, како и контрола на цените, а државата истовремено ќе продолжи опширно и систематски да им помага на земјоделците“, нагласи тој.

Медведев рече и дека руската храна е тивко, но опасно оружје на Русија.