Ова е нашиот официјален став и ве молиме да не пишувате измислени изјави, кои не сме ги дале. Порталот/ите што објави/ја изјава без истата да биде дадена, очекуваме да напише/ат демант. Не би сакале нашата понатамошна комуникација да продолжи преку тужба, ова вчера го најави групата Љубојна како реакција на информациите дека тие не ја знаеле причината за настап на прославата за НАТО и дека ќе го откажат настапот.
Дваесет и четири часа подоцна ниту еден медиум од тие што ги прозва Љубојна не напиша демант или извинување со што јавната закана на групата напишана на нивната ФБ страница станува реална можност.

Љубојна може да тужи за навреда, нарушување на угледот и честа или клевета.
Што друго објави вчера групата која што беше најжестоко од сите артисти нападната за настапот на концертите по повод писмото со кое сњ најавува покана за НАТО:
Настапот на Љубојна, кој што сите нé растревожи, во сабота на 14.07, е закажан многу порано пред да знаеме за каков настан се работи и не е поврзан со личниот став на членовите на групата. Љубојна ќе настапи во свој манир, со добро познатата автентична програма и ќе продолжи и понатаму да ја презентира нашата музичка култура во земјата и во светот, без никакви отстапки.
Парите ќе бидат донирани за терапијата на едно болно детенце, како и на “Одделот за традиционална музика и игра” при ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, за понатамошен развој и истражувачка дејност.
За сета “лавина” од сите вас кои искрено ни се обративте, како и вие дежурни фб “душегрижници”, ви благодариме и продолжуваме посилно. Музичарите не се и не треба да бидат бедем за револт и распетие!
Срдечно, Љубојна





