Медиуми: Од Албанија заминаа 30 командоси за Косово – „Таа ќе биде со него, ако Србија го нападне“

„Албанското Министерство за одбрана соопшти дека група од 30 командоси од оружените сили на Албанија заминале во петокот за Косово. Овој контингент ќе им се придружи на силите на Мисијата на НАТО во Косово, КФОР.“ – извести редакцијата на албански јазик на Радио Слободна Европа во својата информација со наслов „Албанија го потврди испраќањето војници во Косово.“

Оваа редакција на Радио Слободна Европа пишува: „Министерот за одбрана на Албанија Нико Пелеши изјави дека оваа мисија во Косово ќе придонесе кон мирот на Западниот Балкан, бидејќи напнатостите се зголемени по почетокот на окупацијата на Украина од страна на Русија.“

„Мировната мисија на НАТО КФОР има 3.746 војници во Косово, кои доаѓаат од 28 земји. Началникот на Генералштабот на оружените сили на Албанија генерал-мајор Бајрам Бегај изјави дека распоредувањето на силите на Косово се одвива во ‘турбулентен’ момент на безбедност на источното крило на НАТО алијансата. ‘Глобалната безбедност е позагрозена од кога било досега. Регионот и нашата земја не се имуни кон овие дејства на Русија’ – рече Бегај.“

„Албанските војници ќе служат заедно со војниците на Хрватска и Италија. Нивното распоредување во Косово се случува еден ден откако НАТО соопшти дека е посветен на гарантирањето на безбедноста на Косово и на целиот Западен Балкан.“

Инаку, уште на почетокот на овој февруари политичките чинители и јавноста на Косово преку медиумите и упатија апел на Албанија за воена помош во случај да ескалира ситуацијата Русија-Украина и таа да се одрази врз Косово. Во својата анализа со наслов „Српската специјална војна подготвена! / Србија подготвува провокација и судир на северот на Косово“ од 10.февруари 2022 година влијателниот косовски весник на албански јазик „Бота сот“ објави: „За да се спречи српското сценарио, Косово мора убедливо да побара воена поддршка од Албанија и пријателските земји, за во случај на ненадеен напад одговорот да биде силен, ударен и деструктивен за српските сили. Осврнувајќи се на ситуацијата во Украина, министерот за одбрана Нико Пелеши кажа дека во случај на војна Србија би можела да ја искористи оваа ситуација, за да дејствува на северот на Косово. Пелеши вети дека во случај на напад од Србија Албанија ќе биде на страната на Косово.“

„Не сакам да мислам на тоа како на судир на војски и позиционирање на држави, туку зборувам за ескалација на ситуацијата, за влијанието врз внатрешната политичка ситуација во земјите како Србија, кои се се под влијанието на Русија. Постојат жешки точки на Косово и во други земји има цели фактори, кои чекаат да да падне маглата, за да почнат да дејствуваат. Албанија е поврзана со судир, што може да се случи на Косово, ние сме покрај нив.’ – нагласи министерот за одбрана на Албанија Нико Пелеши во својата изјава.“

Две недели по оваа изјава на Пелеши уследи испраќањето на првиот воен контингент на Албанија во Косово, меѓутоа со искористување на формата на Мисијата на НАТО КФОР во Косово.