Медиуми: „Исуф Кока со оружје само го бранеше хотелот од македонските хулигани – татко му бара да биде пуштен од притвор“

„Бизнисменот Аљуш Кока, таткото на Албанецот, што беше уапсен за време на протестите во Скопје, бара неговиот син да биде ослободен од затворот.“ – објави информативната агенција на албански јазик ИНА, пренесувајќи ја веста на порталот „Еуроњуз Албанија“.



Инаку, „Еуроњуз Албанија“ извести за апсењето на Исуф Кока во својата информација со наслов „Албанец го бранеше со оружје својот хотел во Скопје – ги потисна назад македонските хулигани“.

ИНА пренесува: „Во интервју за ‘Еуроњуз Албанија’ бизнисменот Аљуш Кока рече дека неговиот син Исуф Кока бил принуден да пука со оружје во воздух, за да ги одбие хулиганите, кои тргнаа да му нанесуваат штета на неговиот хотел. Според него, се било во самоодбрана и притоа немало никакво сценарио. Тој подвлекува дека државата не реагирала никогаш, за да ги идентификува луѓето што вршат такви дела, како што е уништувањето имоти на Албанците.“

„Синот ми го уапсија веднаш. Дознав од општествените мрежи дека се случило нешто во мојот објект. Веднаш дојдов, имаше голема врева, полиција. Ние ја информиравме полицијата 2-3 дена пред ова. Знаевме дека ќе имаме последици, оти хулиганите не се само денес. Тие употребија насилство и во парламентот. Употребија насилство и врз албанските имоти. Никој од државата не презел нешто, за да ги идентификува кои се тие луѓе. Не сум против оние што протестираат, но нека не прават штета врз нашите имоти.“