Фернандо Сантош ги предупредува своите избраници од фудбалската репрезентација на Португалија дека мора сериозно да го сфатат дуелот со Македонија утревечер од 20:45 на „Ештадио до Драгао“ во Порто за пласман на Светското првенство во Катар.
„Македонците ја изненадија Италија, но таа селекција ги победи и Германците во Дуизбург. Ова е финале, а финалето секогаш е тешко. Сум бил дел од такви натпревари и знам за што зборувам. Ќе му пристапиме на мечот со Македонците со истото почитување што го покажавме против Турција“, изјави Сантош.
„Северна Македонија е многу добро организирана екипа во одбраната и игра добро на контранапади. Тимот има добри поединци, како Елиф Елмас и фудбалерот на Леванте, Енис Барди. Ова се главните ѕвезди на противникот. Добро го проучивме тимот на Северна Македонија, подготвени сме и мора да бидеме врвотни. Ако успееме да бидеме на ниво по волјата, интензитетот и апосветеност, ќе бидеме многу блиску до пласман во СП. Ниту сум среќен ниту несреќен што играме против Северна Македонија. Она што го сакам е да се пласираме во финалето во Катар“, додаде тој.
„Ако мислиме дека Македонците се послаби, тогаш сме на погрешен пат. Тоа ќе биде најлошото сценарио. На овој натпревар мора да пристапиме како да играме против Италија“, заклучи Сантош
„Во овој момент фудбалот е поинаков. Секој може да го победи секого. Имињата, бројките и статистиката не се важни“, нагласи играчот за врска Жоао Мутињо.
Поранешниот европски шампион Португалија, која е актуелен освојувач на Лигата на нациите, во полуфиналето од мундијалскиот бараж ја совлада Турција со 3:1, но дури откога гостите не успеаја да израмнат од пенал преку Бурак Јилмаз шест минути пред крајот.






