Ме убедија, јас сум за уставни измени!

Беше тешко, но ме убедија. Уставни измени, нека се и под бугарски диктат, мора да се случат. Предвремени избори се глупост. Дури, сметам јас, и редовните се непотребен трошок. Премиерот Ковачевски рече дека планира да владее 12 години. Две веќе одлетаа, остануваат уште одвај десет и зошто да му го расипуваме меракот. Ако остане до 2033 година на власт, а треба, не велам не, сите ќе се радуваме на неговите успешни политики и животот ќе има повеќе смисла. Во таа 2033 веќе три години ќе бидеме членка на ЕУ (Маричиќ вети во 2030 влегуваме, а тој кога ќе вети сметајте остварено е), што значи плати зголемени за 70 до 100 проценти (ова мислам самиот Ковачевски некаде го обзнани), потоа милијарда евра за земјоделците (мисла искажана од една љубителка на Заев и на земјоделци) и се разбира бесплатно европско здравство за сите (Ова и на билборди стоеше нели). И еден куп други бенефиции по избор и желба на секој од вас/нас.



Е тоа е добриот дел. Сега да го видиме лошиот кој уште повеќе го зацврсти моето убедување да ги поддржам уставните измени, па нека се и силеџиски наметнати од Софија. Таравари блесна вака: ако не се случат измените сега и одма, молам, ќе дојде до отварање на прашања кои сега се затскриени. Нешто во тој правец, но доволно јасно дека Македонија ќе се најде во сериозни проблеми со албанскиот фактор. Се надоврза Ерол Ризаов, со тоа што овој господин беше многу поконкретен. Ако нема уставни измени до есента Македонија ќе се распадне. Тоа ќе се случи безболно, затоа што ќе бидеме еутанизирани, додава овој писател, мислител и никаквец.

Нешто поблаг од него е Оливер Андонов, познат како член на фракција во која покрај него се уште и тој самиот и неговото его, претпоставувам. Ликот (во интервју за Цивил, прилично сериозно гласило) тврди дека без уставни измени Македонија за три месеци ќе банкротира. А ако и тоа не ви е доволно за да се премислите, завршниот удар го задава Тричко. Оваа необична појава резолутно порачува: Нема уставни измени и Македонија е мртва. Сите вие сте мртви (Знам, ми кажа директорот – би одговорил некој со талент за мрачен хумор).

И како после вакви пораки од господа со толку сериозен бекграунд и општествено значење да не се премислите за уставните измени, сега и веднаш?! Плус, опозицијата е труба сама по себе и непотребно глуми патриотизам на батерии. Џабирите и Зокињата во хор со недели заразно појат ли појат дека опозициските пратеници има да си гласаат „За“, како попчиња, а на Џабирите и Зокињата мора да им се верува. Знаат тие, ај ти. Додајте го тука дипломатскиот гениј и аналитичарски бисер Нано Ружин чија велика мисла се уште ми одѕвонува во ушите а гласи: На опозицијата и недостасува стратешка идеологија! Да, се согласувам ако некој рече дека Нано има проблем со терминологијата и буквално треска глупости, но ќе се согласите и вие дека мислата барем звучи повеќе од мудро. Што конечно не води кон единствениот можен заклучок: Да им се учини на Бугарите, да се смени уставот и да се отворат преговорите со ЕУ токму онака како што сака Софија. Потоа патот е лесен. Нешто малку реформички, борба со корупција, владеење на правото, обична рутина за актуелните властелини и сето тоа набрзина ќе биде средено, па уште стотина бугарски вета кои експедитивно ќе ги тргнеме гордо клекнати на колена и ете ја 2030. Затоа, избори никако, уставни веднаш! И Господ нека ни е на помош.

ФБ статус на новинарот и водител на емисијата „Заспиј ако можеш“, Драган Милосављевиќ