Македонското друштво „Илинден“-Тирана остро ја осудува бугарската пропаганда меѓу Македонците во областа Гора во Косово и во Албанија, обидувајќи се да ги претстави како Бугари.
„Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ! Нивната самосвест е македонска, а обидите на бугарската политика да го обезличи и побугарчи ова македонско население се остваруваат со уцени и подведувања за подобрување на нивниот социјален статус и економска положба со делење на бугарски пасоши, со стипендии за студирање на младите Македонци.
Цената на тие бугарски ‘услуги’ се сведуваат на потпишување изјава дека Македонците се Бугари и дека и нивните предци биле Бугари. Македонците во Република Албанија никогаш не биле, ниту своеволно би биле ‘Бугар’!“, стои во реакцијата на Друштвото, кое ја повика и косовската Влада да преземе сериозни мерки во грижата за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во Косово и да не дозволи признавање на непостоечко бугарското малцинство.
„МД ‘Илинден’-Тирана го потсетува бугарското раководство дека македонската нација е исторски факт и дека нам не ни треба одобрение од други држави за да се изјасниме дека сме тоа што сме“, се вели во соопштението потпишано од Никола Ѓурѓај, претседател на Друштвото.






