Матичните лекари втор ден протестираат – никој не им се обраќа

Претседателката на Здружението на приватни лекари, д-р Лилија Чолакова-Дервишова во изјава за МИА вели дека сè уште не се контактирани од страна на Министерството за здравство или Фондот за здравствено осигурување.



„Ние три дена ќе го издржиме тоа што сме го донеле како одлука, во интерес да го подобриме статусот да го вратиме дигнитетот на здравствените работници, да ги задржиме младите тука.

Барањата се тие, а приоритетно е покачување на капитационен бод, дали на ниво на Влада, на Министерство за финансии, негде треба да се донесе одлука бидејќи навистина со сите овие цени и поскапувањето, пет години постојано сè се движи само кај нас ништо не се движи“, вели д-р Чолакова-Дервишова.

Според неа, целокупните трошоци на приватните лекари се многу високи, а постојано се изоставени од Буџетот.

Протестот на приватните лекари започна вчера, а ќе трае до утре. Тие одлучија, преку мирен протест три дена да не даваат упати и рецепти, со барање да се покачат бодовите.

Покрај зголемување на капитацискиот бод, тие меѓу останатото бараат „електронско здравство, бришење на дестимулативната скала, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории и за рурални амбуланти, да не се затвораат ординации на лекари кои сакаат да продолжат да работат над 64 години“.