Незадоволни од игнорантскиот однос на власта матичните лекари одржаа полчасовен протест пред своите ординации и испратија порака „Доста е!“
Облечени во заштитна опрема и маски, докторите кои четири месеци сами се снаоѓаа за заштитна опрема и маски, порачаа дека без нивната грижа за пациентите здравствениот систем веднаш ќе колабира. Велат, своите барања јавно ќе ги кажат веднаш по формирањето на новите државни институции.
Министерството за здравство е изненадено од денешниот протест: Во соопштение од МЗ наведуваат дека матичните лекари добиле медицинска заштитна опрема. Во врска со барањето на матичните лекари, да упатуваат пациенти на тестирање за Ковид-10 сами, а не да се водат по алгоритам, министерството вели дека подготвениот алгоритам за индикација за тест за Ковид-19 е изработен со цел да ја олесни работата на матичните лекари и да обезбеди унифициран пристап.
Во однос на барањето на матичните лекари да имаат претставник во комисија за заразни болести појаснуваат дека согласно член 59 од Законот за заштита на население од заразни болести „Министерот формира комисија за заразни болести како советодавно тело. Членовите на Комисијата од став 1 на овој член се избираат за време од четири години од редот на истакнати стручњаци од епидемиологијата, инфектологијата, микробиологијата, педијатријата, ветерината и други специјалности“, а сите членови во Комисијата за заразни болести во актуелниот состав се претставници од јавно здравстени установи, пренесува Факултети.мк.






