Масовното иселување на младите никако да запре – каде потфрли државата?!

Бранот на иселување на млади од Македонија како да е ставен на брза лента. Нормалната живеачка, непросперитот, високата стапка корупција и политизирањето во сите пори од општеството се главните причини за се помасовното иселување на граѓаните од сопствената земја, покажуваат истражувањата. Според последното пребројување, Македонија има речиси 200.000 жители помалку во споредба со 2002 година, бројка еднаква на два поголеми градови.



Дека состојбата не чини потврди и претседателот на државата во последото обраќање за Илинден. Говорејќи за иселувањето, Пендаровски кажа дека уделот на младите во населението опаднал од 28% во 1970, на само 16% во 2021. Со ова темпо, рече, постои опасност да ја достигнеме критичната демофрафска точка. И претходно, Пендаровски говорејќи за иднината на младите кои како што кажа имаат само еден живот, рече ако не бил претседател и самиот би се иселил од државава.

  • – „Тие имаат само еден живот, сите имаме само еден живот и никој не е луд да го троши додека преговорите со ЕУ траат со години, а притоа просечната плата во земјата земја изнесува 400 евра. Да не бев претседател и самиот би се иселил од мојата држава“, рече Пендаровски во 2019.

Дека младите сѐ повеќе се одлучуваат да заминат надвор од Македонија покажува последното истражување на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, според кое, интересот за студирање на средношколците надвор од државата е зголемен за над 20%. Дека состојбата со иселување на младите е загрижувачка алармираше и Рашела Мизрахи, од ВМРО-ДПМНЕ која во гостување на Алфа рече дека власта дополнително придонела за се повеќе млади да си заминат од дома.

Споредувајќи ги последните резултати од послендите два пописа, повеќе од 150.000 млади луѓе се иселиле од Македонија во последните две децении, бројка што е и повеќе од загрижувачка. Од младинските организации, причините за масовното иселување на младите првично ги лоцираат во лошиот општествен систем. Велат потребно е државна стратегија на долг рок за зголемување на младинскиот стандард.

Иако актулната Влада е веќе 7 години на власт, постојано се правдаат дека некој друг бил крив за погубните политики во земјава. Колку за потсетување, пред неколку години, голем број граѓани ги оставија обувките пред Влада, со цел да ја потсетат на проблемот со иселувањето. Обувките ги симболизираа роднините и пријателите, кои си заминале од земјата од сиромаштија, невработеност, или од друга причина, поради која не можат да се вратат.