Тендери со многу повисоки цени за време на пандемијата при набавка на заштитна опрема, утврдил Државниот завод за ревизија. Се работи за ревизија на ДЗР на тендерите од март 2020 година до февруари оваа година во кој 19 институции потрошиле 8,2 милиони евра за набавка на заштитна опрема.
Според извештајот на Државниот завод за ревизија за „доделување на договори за јавни набавки од страна на институции во јавниот сектор со цел превенција и заштита од пандемијата предизвикана од Ковид-19“ во некои институции забележани се многу поскапи цени при набавката на заштитната опрема за време на пандемијата од КОВИД-19.
Ревизорите утврдиле дека заштитни маски чинеле и до 107 денари иако биле од понизок квалитет. Во извештајот се наведува дека и заштитни скафандери се набавувале и до 1.364 денари по парче.
Според ревизорите еден литар средство за дезинфекција се купувало за околу 400 денари, односно за десетина пати повеќе во однос на некои други институции кои одлучиле да набавуваат подомаќински.
Ова се случува откако пандемијата им овозможи на институциите да спроведуваат јавни набавки во четири очи, за како што велат поради итноста на набавките.
За случајот реагираа и од Државната комисија за спречување корупција кои велат дека ќе го испитаат случајот. Антикорупционерите најавија разгледување на ревизорскиот извештај.






