Со интерен допис до вработените Елон Маск ги известил дека Tвитер сега се проценува на помалку од 20 милијарди долари, што е значително помалку од 44 милијарди долари колку што Маск плати за купување на Tвитер во октомври минатата година, пишува „Гардијан“.
Големата девалвација на вредноста на компанијата следеше по турбулентното преземање на Маск. Неколку големи огласувачи ја напуштија платформата, а главниот извор на средства за купување на компанијата од страна на Маск, инвестициската компанија „Фиделити“ ја намали вредноста на својот удел за 56 %.
Маск во дописот исто така истакна како компанијата била само четири месеци од опасноста да остане без пари, пред да им подели серија отпуштања на високо позиционирани вработени.
Според бројките што ги претстави Маск во декември, бројот на вработени е намален од околу 7.500 на околу 2.000 вработени.







