Во незапаметен масакр во Цетиње животот го загубија 11 лица, а меѓу жртвите, според последните податоци, се и две деца, како и напаѓачот, а шест лица се ранети.
„Човечките животи се највредни и незаменливи, а денеска изгубивме 11 граѓани, меѓу кои и две деца“, изјави директорот на Полициската управа, Зоран Брѓанин, изразувајќи сочувство.
„Според засега познатите околности, денеска околу 15:30 часот 34-годишниот цетињанец В.Б. пукал во семејството, чии членови престојувале во просториите на неговата куќа како станари во населбата Медовина. Тој во таа пригода, со употреба на огнено оружје – ловечка пушка – лишил од животот две деца, едното на осум, а другото на 11 години и ја ранил мајка им, која им подлегна на повредите во медицинска установа. Потоа излегол и со истото огнено оружје пукал врз жители на оваа населба, при што им ги одзел животите на уште седум лица, а ранил шест“, додаде началникот на полицијата и нагласи дека сè уште не е јасно што го натерало убиецот да го изврши тоа дело.
Напаѓачот пукал и кон полицијата, а во таа пресметка бил убиен. Го убил сосед за да го спречи да убие повеќе луѓе, пишуваат црногорските медиуми.
Редакцијата на српски „Курир“ стапила во контакт со цетињанец, кој опишал како се случила трагедијата.
„Вучко пукал во сопругата, а потоа излегол на улица и тргнал по децата, постарите жени, не гледал во кого пука… Дури го убил мојот пријател автомеханичар, кој случајно наишол на него на улица“, опиша цетињанецот, додавајќи дека верува оти убиецот Бориловиќ имал нервен слом.
„Нему му падна мрак на очите, тоа го направи во некакво нервно растројство. Вакво нешто не паметат ниту најстарите жители на Цетиње. Во Медовина има можеби 200 куќи, а тој буквално пукал по случаен избор во луѓето кои случајно се нашле пред нивните домови, на улица“, рече потресениот маж.
Како што открива соговорникот, Бориловиќ претходно работел како келнер во Националниот парк „Ловќен“.
„Беше ловец, а се зборува дека луѓето ги убил со ловечки карабин. Имал оружје. Многу ни е тешко, не можеме да веруваме дека го направил ова“, заклучил очевидецот.
Владата на Црна Гора прогласи тридневна жалост за големата трагедија, објави премиерот Дритан Абазовиќ.






