Идеална Албанија наместо Голема Албанија е еден од предлозите за ребрендирање на идејата која го држи во страв регионот со децении.
Причината е во тоа што „Многу Албанци од Албанија сакаат обединување повеќе со Италија и Грција, одошто со Косово“.
„Обединувањето на Косово со Албанија, отцепувањето на западниот дел на Македонија и анексијата на неколку мали општини во Црна Гора и јужна Србија, се заради создавањето на ‘Голема Албанија’ претставува авантура во време кога голем дел од Албанците во Албанија, барем економски и културно, се повеќе заинтересирани да се обединат со Италија, или Грција, отколку со Косово.
Самиот назив ‘Голема Албанија’ е производ на хегемонистичката пропаганда уште од времето на ‘Титославија’, а потоа и на фашизмот“, пишува Антон Марку, поет од Албанија, во својата колумна, која ја објавува косовскиот весник „Бота сот“.
„Историјата на човештвото е полна со напори на народите да создадат нивни етнички држави. Некои успеаја, други делумно, додека поголем број од нив не ја постигнаа оваа цел. Каде се наоѓаат Албанците во овој контекст? Што можеби научиле од минатото и каква е нивната визија за иднината?“, пишува поетот кој зборува за националниот сон на Албанците.
„По основањето на Албанија требаше речиси еден век да се направи вториот чекор кон остварувањето на ‘националниот сон’“, што беше создавањето на државата Косово. Неговото обединување со Албанија би бил трет чекор во ова патување, по што ќе уследи отцепување на западниот дел на Македонија и анексија на неколку мали општини во Црна Гора и јужна Србија.
Во моментов кога и Албанија и Косово се намалуваат според бројот на жители од таму доаѓаат гласови за проширување на териториите… Приврзаниците на овие авантури, кои личат на осамени војници што силно викаат, може да бидат демобилизирани, но не и деморализирани. Косовските Албанци се обидуваат да наметнат национално обединување, иако сега имаат своја држава. Од друга страна, се добива впечаток дека голем дел од Албанците во Албанија, барем економски и културно, се повеќе заинтересирани да се обединат со Италија, или Грција, отколку со Косово. На последните парламентарни избори на 24-ти април ниту едно движење или политичка партија во Албанија, поврзани со националното обединување, не успеа да освои барем едно место во Парламентот“, предупредува авторот на колумната.
“Називот ‘Голема Албанија’ е производ на хегемонистичката пропаганда уште од времето на „Титославија“, потоа и на фашизмот.“ – смета Антон Марку, кој се залага за создавање „Идеална Албанија“, која „не мора да ги вклучува сите ‘албански територии’, но која во умовите на сите би разбудила чувство дека се грижи за нив и оти ги поддржува, каде и да се и секогаш, не само во рамките на административните линии“.






