„Бугарската ‘научна фела’ во областа на лингвистиката не престанува неправедно, невистинито, дрско и безобразно извртено да го напаѓа, да го понижува и да приграбува македонскиот јазик и неговата континуирана македонска историја. Но, треба да се престане со ‘плачењето и кукањето’ колку македонскиот јазик е засегнат на ова или на она рамниште, туку храбро и одлучно да им задаваме удари на сите, што истото тоа ќе ни го сторат нам.“ – вели д-р Михајло Марковиќ професор во Катедрата за македонски јазик и книжевност при Универзитетот во Тетово, во својата колумна со наслов „Вистината е на наша страна и не треба да се премолчува заради некакви ‘повисоки’ интереси“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
По повод најновиот напад на македонскиот јазик од „лингвистката“ проф. д-р Ана Кочева од Институтот за бугарски јазик
Покрај другото, Марковиќ пишува: Последниот напад е на тема „(Пре)кодификацията на българския книжовен език в Македония“, каде што „лингвистката“ проф. д-р Ана Кочева од Институтот за бугарски јазик бесрамно, со извртени теории и факти, си зема за слобода да го нарекува македонскиот јазик „случај“, тврдејќи оти кодификацијата на македонскиот јазик е извршена врз основата на книжевниот бугарски јазик. Кочева во своите лажни и фалсификувани теории ги споменува Блаже Конески и Крум Тошев, за коишто лажно и без трошка срам вели дека „говорят на сносен български книжовен език“.
Постојат милиони преписки, документи и писма што јасно и недвосмислено говорат за македонскиот идентитетски континуитет и покрај милионите запалени, скриени и уништени од нашите „добри“ соседи, кои како гладни волци ја навјасале нашата татковина Македонија, а со помош на внатрешнолингвистичките „македонски“ предавници и агенти сакаат да ја распарчат и да ѝ го зададат последниот удар на бесмртната Македонија и неуништливиот македонски јазик и културен код. Но, тој ќе ги надживее и овие бурни времиња, со или без наша помош, зошто мајката земја ќе роди храбри Македонци онолку колку што ѝ се потребни и тогаш кога ќе ѝ бидат најпотребни.
Токму поради непобитните аргументи и факти за постоењето на македонскиот јазичен и културен идентитет, треба да престанеме со реториката на одбрана и правдање, реторика на докажување којашто оди во недоглед и се извртува на секој чекор и во секое време.
Начинот на комуникација треба да се сведе на дискусија со реципроцитет, на навредите да се одговара со навреди. На т.н. „професорка“ д-р Ана Кочева од Институтот за бугарски јазик би ѝ одговорил: т.н. „бугарски јазик“ е изведен според фалсификувана, туѓа историографија на јазикот. Врз основа на дијалектите на македонскиот јазик, голем број руски лингвисти го создаваат т.н. „бугарски јазик“, којшто претставува дијалектна регионална норма на македонскиот, тогаш сѐ уште неозаконет јазик, со јасни силни влијанија на руската лексика.
На историски план јасно може да се согледа влијанието врз т.н. „бугарска азбука“ од рускиот јазик, кој е мајка/татко/конструктор на истата таа. И денес т.н. „бугарски јазик“ е под силно влијание на руската јазична норма, но и на руската лексика, којашто сочинува повеќе од половината во „бугарскиот“ – регионалната дијалектна норма на македонскиот јазик.
Сепак, поради силната и целосна поддршка од Европската Унија, „бугаризмот“ отворено врши кражба на историјата на јазикот, на културно-историските споменици, па дури и на објектите од различни епохи, коишто безобѕирно ги приграбуваат и ословуваат како „бугарски“.
Home Македонија Марковиќ: „Бугарскиот јазик“ е дијалектна регионална норма на македонскиот, оти руски лингвисти...





