„Од мој агол на гледање не можеме да очекуваме повлекување на бугарската блокада за отпочнување на преговори за наше полноправно членство во ЕУ на 14 декември оваа година, од причини што политичката криза во Р.Бугарија во контекст на создавање нова политичка влада, е сè уште енигма и тој процес ќе потрае најмалку до одржувањето на Европскиот самит во декември“, вели во интерју за Плусинфо, Марјан Ѓорчев поранешен министер и поранешен амбасадор во Софија.



Но, амбасадорот смета дека решение за спорот помеѓу Македонија и Бугарија, е во потенцирањето на тоа што нè обединува како две држави и два народа, а тоа се европските вредности.

„Тој факт сам по себе имплицира идентитетските и јазични прашања, да не бидат дел од преговарачката рамка за прием на нашата држава во Унијата, ниту, пак, да бидат причина за било какво вето од страна на одделна земја-членка на Унијата. ЕУ мора да ги почитува сопствените стандарди и принципи, а доколку тие се прекршуваат од нејзините земји-членки, институционалните механизми во Брисел можат да обезбедат Република Бугарија да ги приспита своите ставови кон блокадниот процес, особено ако се има во предвид дека Унијата може да преземе и казнени постапки за непочитување на европскиот закон“.

Што се однесува до историјата, вели Ѓорчев, тоа е научна дисциплина, а современата европска историска и хуманистичка наука упатуваат кои вредности се реперни во разрешување на одделен научен спор, така што тоа е подолготраен процес надвор од политичката и административна процедура за прием на земја-кандидат членка во Унијата.