Украинските сили се повлекоа од градот Маринка во Донецката Област, потврди на прес-конференција врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни.
Според неговите зборови, „украинските сили се повлекоа (од градот), на некои места се вкопаа во околината на Маринка, а на други – малку подалеку“, додавајќи дека Русите ја примениле тактиката на целосно уништување „кварт по кварт, улица по улица“ како во Бахмут.
„Градот Маринка повеќе не постои“, нагласи Залужни, најавувајќи слична судбина и за Авдеевка за „две-три месеца“, ако нешто драстично не се смени на фронтот во блиска иднина.
„Што се однесува до водењето борбени дејствија кај Авдеевка… Не треба да правиме шоу околу конкретната населба. Спроведувањето на борбените операции подлежи на сопствени закони, кои не зависат од тоа дали тоа им се допаѓа на пратениците или на новинарите. (Вооружените сили на Русија) имаат можност да ги концентрираат своите сили во одредена насока. И за два-три месеца можат да го направат тоа што се случи со Бахмут… Ќе ја браниме (Авдеевка) точно толку колку што имаме сила. Ако нема доволно сили – ќе ги спасуваме луѓето“, објасни генералот.
Пред рускиот напад врз Украина градот Маринка имаше 9.089 жители, а непосредно пред кулминацијата на битката беа целосно евакуирани.





