Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ најави дека за уставните измени ќе се отвори дијалог со сите партии и сите пратеници ќе имаат можност во наредниот период, да се изјаснат на која страна на процесот ќе бидат, дали за ЕУ и продолжување на тој пат или за нови застој и блокади.
„Јас сум убеден дека мудро ќе одлучат пратениците во тој нареден период, имаме доволно време да разговараме со сите и да ги убедиме и се надевам исто така и дека опозицијата ќе го разбере овој процес колку е важен и колку е важно да се обединиме околу ова“, изјави Маричиќ во синоќешното издание на „Трилинг“.
На прашањето за можно купување гласови на пратениците, вицепремиерот Маричиќ кажа дека во последните 5 години никогаш немало купување на гласови во нашето Собрание, а тоа што успеале во еден значаен процес да се направи, да убедат определен дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат „за“, во случајот за Договорот од Преспа, било една сериозна задача, којашто требаше да нè внесе во НАТО.
„Пред нас е уште една таква задача, а тоа е продолжување на патот на преговорите со ЕУ, бидејќи веќе ги започнавме. Мислам дека треба секоја политичка партија и секој пратеник да има доволно чувство на одговорност во наредниот период.
Ќе има време да се одлучи дали е за патот на ЕУ или е против. Мислам дека е тоа дилемата, не е ништо друго. Содржински уставните измени којшто сега треба да ги направиме се далеку понепроблематични, од тоа што сме правеле во минато со Договорот од Преспа. Ова сега е додавање на уште неколку заедници или групи во нашиот устав што отсекогаш бил наша вредност, ништо ново, ништо поразлично“, додаде Маричиќ. (Независен)






